Ситуацијата со ковид инфекции е смирена и засега земјата е во зелена зона, но засега не треба да се носат избрзани одлуки, вели министерот за здравство Беким Сали за Радио Слободна Европа на прашањето дали ќе се укинат сертификатите за вакцинација против ковид. На денешната средба со комисијата за заштита од заразни болести ќе се разгледуваат нови предлози за мерки во однос на последните податоци од Институтот за јавно здравје.
Благ раст на бројот на новозаболени покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје за периодот од 14 до 20 март. Според податоците направени се вкупно 15.577 тестови во тој период во кои се забележува зголемување за 2,1 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани се 1.834 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, со зголемување од 0,9 отсто во однос на минатата недела кога вкупниот број на новозаразени изнесуваше 1.818.
„Стравувањето од нов бран секогаш постои, и во минатото се докажа дека опаѓањето на броеви во која било држава не е гарант дека нема да има нов бран. Ние сме отворена држава, комуницираме со туристи кои што доаѓаат, и ние патуваме многу така што во едно општество кое е отворено и неограниченото движење на луѓе, секогаш може да се очекува зголемување на број на новоинфицирани“ вели Сали.
Тој посочи дека засега ситуацијата со ковид инфекции е смирена, но поради последната анализа во која се покажа дека постигнатиот колективен имунитет не е доволен. Доколку ние секој ден имаме по 200 до 300 новоинфицирани, тоа вели дека се уште сме потенцијален ризик како општество да ни се зголемат бројките, а со тоа и хоспитализација и смртни исходи. Според него, иако засега земјава е во зелена зона, сепак не треба да се носат избрзани одлуки во однос на антиковид мерките.
Податоците од анализата од ковид-тестирањето, односно скринингот што го спроведе Министерството за здравство покражуваат дека не е постигнат колективен имунитет. Присуството на антитела кај невакцинираните испитаници се движи од 75 до 76 проценти, додека кај испитаниците кои се вакцинирани нивното присуство е 85-86 проценти.