Околу 100 илјади луѓе и понатаму се заробени под руските бомби во опколениот Мариупол, скоро цел месец од почетокот на руската инвазија врз Украина.
„Скоро 100 илјади луѓе во нечовечки услови“ се заробени во урнатините на Мариупол, „во состојба на целосна опсада, без храна, вода, лекови, под постојано гранатирање“, наведе украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеоснимка објавена рано утринава.
Предлогот на украинскиот претседател да се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин заради наоѓање „компромис“, вклучително и за окупираните територии Крим и Донбас, остана мртво слово на хартија, наведува Франс прес.
Русите се надеваат на „поенергичен преговарачки процес, суштински“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Украинскиот претседател денеска преку видеоврска треба да се обрати пред пратениците на Франција и Јапонија, еден ден пред состанокот на НАТО, Г7 и на Европската унија.
Русија на 24 февруари почна неиспровоцирана инвазија врз Украина.