Бајден ќе објави нов пакет санкции кон Русија

Американскиот претседател Џо Бајден.

Американскиот претседател Џо Бајден оваа недела ќе објави нов пакет санкции против Русија, за време на средбите со европските сојузници во Брисел, изјави неговиот советник за национална безбедност.

Џејк Саливан денеска за новинарите изјави дека на 24 март „дополнителен пакет санкции [ќе биде] воведен заедно со нашите сојузници“.

Саливан рече дека акциите „ќе се фокусираат, не само на додавање нови санкции, туку и кон обезбедување на заеднички напори за сузбивање на затајувањето на санкциите“.

Саливан ги даде коментарите додека ги наведуваше деталите за претстојното патување на Бајден во Европа, каде што ќе се сретне со претставниците на земјите на НАТО, Г7 и сојузниците од Европската унија за да разговараат за бруталната инвазија на Украина од Русија која е во својата четврта недела, во услови на жесток отпор на украинските војници и цивили .

Предвидено е Бајден да ја посети и Полска која прими околу 2 милиони, од над 3,5 милиони Украинци кои досега избегаа од борбите во нивната матична земја.

Бајден, исто така, ќе објави заедничка акција за зајакнување на енергетската безбедност во Европа, која долго време беше зависна од руската нафта и природен гас. Тие испораки сега се неизвесни поради веќе поставените санкции кон Москва.

Руската инвазија беше осудена во повеќето земји ширум светот, иако некои нации, вклучително и Кина, не му се придружија на Западот во осудувањето на акцијата или воведувањето санкции кон Москва.