Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, јавија руските медиуми.
Разговорот е инициран од Франција, објави државната новинска агенција Риа Новости.
Новинската агенција Интерфакс објави дека двајцата лидери разговарале за мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Ова е последен од неколкуте телефонски разговори меѓу Путин и Макрон по започнувањето на руската инвазија врз Украина.
По започнувањето на конфликтот, повеќе од 3,5 милиони Украинци ја напуштиле земјата, проценуваат Обединетите нации. Вкупно околу десет милиони луѓе се раселени, вклучително и оние во земјата.
Руските сили денеска ги бомбардираа украинските источни градови Мариупол, Харкив, Суми и Чернихив. Властите на Украина ја обвинуваат Русија дека илегално депортира жители од областите под контрола на сепаратистите.
Според официјални лица, во пристанишниот град Мариупол на Азовското Море, кој пред војната имаше 400.000 жители, нема храна, лекови и вода.
„Не остана ништо“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешно видео обраќање пред италијанските пратеници.