Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија ќе користи нуклеарно оружје само ако нејзиното постоење биде загрозено, објави денеска агенцијата Тасс.
Коментарот следува речиси по четири недели откако Русија ги испрати своите сили во Украина и доаѓа поради загриженоста на Западот дека конфликтот во Украина може да ескалира во нуклеарна војна.
Русија, инвазијата врз Украина ја започна на 24 февруари и ја нарекува „специјална воена операција“ за разоружување на Украина и заштита од „нацистите“. Западот тоа го нарекува лажно оправдување за неиспровоцирана војна.
Повеќе од 3,5 милиони Украинци досега ја напуштиле земјата, проценуваат Обединетите нации. Вкупно околу десет милиони луѓе се раселени, вклучително и оние во земјата.
Западот воведе низа санкции кон Москва во обид да ја принуди да ги повлече своите сили.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денеска повика да се стави крај на „апсурдната војна“ нарекувајќи ја непобедлив конфликт што ги става луѓето во жив пекол.