Претседателот на РСЕ го осуди „системското малтретирање“ на новинарите во Русија

РУСИЈА - Поглед на редакцијата на Радио Слободна Европа во Москва.

Претседателот на Радио Слободна Европа (РСЕ) Џејми Флај, ги осуди нападите врз новинарите на РСЕ во Русија и порача дека „систематскиот напад “ нема да ја спречи новинската агенција да известува за настаните во земјата.

„Системското малтретирање на Јулија Парамонова, Андреј Новашов и Светлана Прокопјева од страна на Кремљ за нивната работа како новинари на РСЕ е жално. Нема да дозволиме да бидеме спречени да му ја кажеме на рускиот народ вистината во време кога му е потребна повеќе од кога било“, рече Флај.

Тројцата новинари на РСЕ беа приведени, а нивните канцеларии беа претресени од страна на властите, откако Кремљ ја засили акцијата против независните медиуми и новинари.

Парамонова, хонорарна новинарка која порано работеше на онлајн проектот на РСЕ North.Realities во Калининград, на 21-ви март беше повикана во обвинителството поради нејзините написи на интернет.

Парамонова изјави дека полицајците ја испрашувале во врска со случај со екстремизам, иако таа вели дека не разјасниле никакви детали.

Русија се обиде да ја попречи работата на РСЕ во земјата повикувајќи се на нејзиниот закон за странски агенти, кој бара од медиумите кои се сметаат за „странски агенти“ да се означат како такви со известување во текст на сите пишани материјали, аудио изјава на сите радио материјали како и текстуална декларација на сите видео материјали што ги објавува.


РСЕ одби да ја послуша оваа наредба или да плати милиони долари казни што се натрупаа и ја отфрли ознаката „странски агент“, потенцирајќи дека тоа значи дека е непријател на државата.

Мислам дека работат на список на „национални предавници“, непријатели на народот. Јас и мојот адвокат мора да сме на тој список“, рече новинарката Парамонова.

Во меѓувреме, на 21 март неколку медиуми објавија дека Новашов, кој е поранешен дописник на друг онлајн проект на РСЕ, бил приведен под непознати обвиненија. Новашов бил приведен откако бил претресен неговиот дом во сибирскиот град Кемерово.

Во северозападниот град Псков, полицијата извршила претрес во домовите на неколку политичари, активисти и новинари, вклучително и на соработничката на рускиот сервис на РСЕ Светлана Прокопјева, како дел од истрагата поврзана со критиките за најавата на регионалниот гувернер за смртта на војниците од областа за време на војната против Украина.