Македонски студенти на бесплатни студии во Бугарија, бугарски во Македонија

Илустрација

Студентите од Македонија ќе можат бесплатно да студираат во Бугарија, а бугарските студенти на македонските универзитети. Секоја година владите на двете земји ќе финансираат до четири стипендии кои ќе покриваат целосни дипломски или магистерски студии.

Ова е предвидено со билатералната програма за соработка во областа на образованието, што денеска во резиденцијата „Бојана“ ја потпишаа министерот за образование Јетон Шаќири и неговиот бугарски колега Николај Денков.

Предвидено е да бидат обезбедени и пет стипендии за еден семестар. За нив ќе можат да се пријават сите студенти, освен студентите по медицински науки и оние од уметноста и спортот.

Се очекува и средба со ректорите на универзитетите на која ќе се разговара за можностите за заеднички истражувачки проекти и вмрежување во двете земји.

Дополнително ќе се поттикнува и образовната мобилност на студенти, наставници и истражувачи, како и научно-техничката соработка меѓу Бугарската академија на науките и МАНУ.


Програмата, исто така, предвидува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да даде препораки за правилна презентација на наставните материјали во учебниците во Македонија и Бугарија.

Овие препораки ќе бидат усвоени и имплементирани од владите на двете земји.