Поради санкциите 78 руски авиони се запленети во странство

Илустрација

Министерот за транспорт Виталиј Савељев изјави дека 78 авиони во руска сопственост се запленети во странски земји како резултат на меѓународните санкции кон Москва, заради нејзината инвазија на Украина.

Савељев денеска пред Горниот дом на рускиот Парламент, Советот на Федерацијата, изјави дека руските авиокомпании регистрирани во земјата имаат речиси 800 авиони, од кои 515 биле изнајмени од меѓународни компании.

Руските пратеници усвоија закон со кој им се дозволува на авиокомпаниите да ги вметнат авионите изнајмени од странски компании во локалниот регистар, но голем дел од нив го избегнаа тоа поради стравувањата дека може да ги нарушат врските со меѓународните партнери.

Според Савељев, повеќе од 30 авиокомпании од 22 земји продолжуваат да летаат кон Русија и покрај неколкуте серии санкции кои имаат за цел да ја изолираат земјата поради нејзината неиспровоцирана инвазија врз Украина.

Санкциите, исто така, го прекинаа снабдувањето на Русија со делови за авионите и други авионски услуги, што дополнително ја влоши состојбата во авиокомпаниите.

На 5-ти март, руската федерална агенција за воздушен транспорт, Росавијација, препорача домашните авиокомпании со авиони изнајмени од странство да ги прекинат сите летови во странство, освен кон соседна Белорусија, за да избегнат запленување на авионите.

Повеќето руски авиони кои се произведени на Запад, како што се авионите на Боинг и Ербас, се регистрирани или на Бермудите или во Ирска. Но, тие земји неодамна го суспендираа процесот на сертификација на авиокомпаниите со кои управува Русија, практично приземувајќи ги.