Рускиот бизнисмен во земјава и почесен конзул на Русија во Битола, Сергеј Самсонеко денеска сведочеше во судското рочиште за случајот „Плацови на Водно”, за плац купен од обвинетиот во процесот Јордан Камчев. Тој беше повикан од одбраната на обвинетиот Камчев.
Самсоненко од судската говорница изјави дека плацот на Водно, кој според обвинението е во тајна сопственост на екс премиерот Никола Груевски, е негов и дека не му е јасно зошто не може да го користи, односно таму да си изгради куќа.
Продолжи судењето за „Плацевите на Водно“, Мијалков немал рецепт за милионите
„“Лајф кеар центар” е моја фирма, која е купена на име на жената, по моја наредба, значи на мојата фамилија е. Во сопственост нема ништо, освен плац од 10.000 квадрати, отприлика“, изјави бизнисменот.
Тој појасни дека во 2019 година го купил плацот од Камчев и дека се води на име на неговата сопруга кога е сопственик на оваа фирма.
„Барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија. Не можев да најдам бидејќи барав над 5.000 квадрати. Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Јас разгледував и го одбрав. Договорот беше да го исплатам за три години и го исплатив и пред време. Платив 110 милиони денари“, изјави во судницата Самсоненко.
Тој се пожали дека има блокада на плацот, а не му е јасно зошто.
„Камчев ми ги предложи овој плац, се договоривме 2017 или 2018 година. Го платив 110 милиони денари. Уште нема пат, има блокада, ги трпам штетите од блокадата. Не можам да го продадам, ниту да го дадам под закуп. Кога го купив, проверив, се беше чисто. Сега пак не можам ни да градам, ни да го продадам. Да го разгледате тоа мое барање“, изјави Самсоненко, кој беше сослушан по предлог на обвинетиот Камчев.
Покрај Самсоненко, сведочеше и сопственикот на „Супер трејд“, бизнисменот Владимир Стаиќ, кој исто така купил друг плац од „Лајв кеар центар“, во 2018 година, односно пред фирмата да ја купи семејството Самсоненко.
Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.