Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косово е вознемирено од способноста и намерите на Русија да ја пренесе дестабилизацијата и несигурноста на европскиот континент со ширење конфликти „на друго место“ освен Украина. Истакнувајќи дека Србија е единствената земја која не наметна санкции кон Русија поради војната во Украина, Курти изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сакал „Јалта 2“, односно уште една конференција во Јалта на која ќе седне со американскиот претседател Џозеф Бајден. „Јас сум многу убеден дека претседателот Путин не сака да седне и да преговара со Зеленски. Тој всушност сака да го убие. Тој сака да седне со претседателот Бајден и тоа е многу загрижувачко бидејќи тоа ќе бара дополнителни кризи на европскиот континент, може да има конфликт и војна за да се распадне Европа како пред повеќе од 70 години“, изјави Курти за Би-Би-Си.
Косово ќе формира работна група за зачленување во НАТО
Курти рече дека Кремљ порано го споменувал Косово еднаш месечно, а сега неколку пати неделно, секој втор ден. Тој додаде дека верува дека тие сакале погрешно да ја протолкуваат интервенцијата на НАТО на Косово, за која рече дека „требало да го запре геноцидот“, како обид да го оправдаат нивниот империјализам, нивните хегемонистички аспирации и конечно нивната воена окупација и агресија врз Украина. Тој исто така изјави дека „Србија троши речиси 3% од БДП на армијата, што е двојно повеќе од другите пет земји од Западен Балкан заедно“. „Значи, постои милитаризација на Србија, која не го признава Косово и која преку Република Српска во Босна и Херцеговина се обидува да ја направи таа земја нефункционална, да ја претвори во пропадната држава и конечно да ја земе под своја контрола“, изјави Курти.