Агенцијата за миграција на ОН денеска соопшти дека речиси 6,5 милиони луѓе се раселени во Украина како резултат на војната. Податоците доаѓаат од студијата спроведена од Меѓународната организација за миграција помеѓу 9 и 16 март.
Дополнително повеќе од 3,3 милиони луѓе, според ИОМ, избегале преку границите од почетокот на руската инвазија.
„Степенот на човечкото страдање и принудното раселување поради војната далеку го надминува секое планирање на најлошото сценарио. Тимовите на ИОМ обезбедуваа помош како храна и ќебиња за илјадници луѓе, но оние во сериозно погодените области останаа недостапни“, рече генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино.
Многу од раселените лица се особено ранливи, вклучително и бремени жени, стари лица и лица со хронични болести, соопшти ИОМ. Виторино го повтори повикот за прекин на непријателствата и за создавање хуманитарни коридори за да им се овозможи на цивилите да избегаат.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари, но украинските сили пружија силен отпор, а Западот воведе огромни санкции кон Русија во обид да ја принуди да ги повлече своите сили.