Министерот за здравство Беким Сали најави дека ако се одржи состанокот на Генералниот кризен штаб, уште на утрешната владина седница се очекува да бидат изгласани препораките на Комисијата за заразни болести, меѓу кои е и таа за ослободување од носењето маски на учениците од основните училишта.
Тој додаде дека не сакаат да избрзаат со гласање, затоа што епидемиолошката состојба од претходната недела, не е показател во каква епидемиолошка состојба сме оваа недела.
„За да не излеземе несериозни, а одлуката на Влада е правосилна и треба да се имплементира во секојдневното функционирање на сите институции некогаш не избрзуваме со тоа што чекаме и следната недела како ќе постапиме, а потоа две одлуки ги поминуваме на Кризниот штаб“, рече Сали, одговарајќи на новинарски прашања по означување на почетокот на караванот за вакцинација против Ковид-19.
Посочи дека и самиот посакува да се ослободиме од маските, но смета дека реалната состојба не го дозволува тоа поради стотиците новоинфицирани дневно од Ковид 19.
„Според податоците ние сме во зелена зона, но не сме се уште за симнување на маските“, додаде Сали.
Комисијата за заштита од заразни болести минатата недела препорача учениците во основните училишта да се ослободат од обврската за носење маски. Сепак обврската за носењето маски останува за наставниците и другите вработени, а децата по свој избор и понатаму ќе може да продолжат да носат маска.
Од комисијата велат дека во моментов земјава се наоѓа во зелена зона, но доколку дојде до повторно влошување на епидемиолошата состојба, може да се вратат на сила старите мерки и препораки.
Обврската за носење маски во училиштата беше донесена откако лани повторно беа отворени училиштата во пандемија, а имаше за цел да го спречи ширењето на новиот коронавирус.