Министерството за економија денеска прави анализа, а утре на седница на Владата ќе информира како се спроведуваат мерките кои се во функција. Ако треба ќе се донесат и дополнителни мерки, со цел да се намали ценовнот шок, , посебно за производите за кои е замрзната маржата, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Владата на 9 март објави 26 антикризни мерки за помош на граѓаните и на стопанството во екот на најголемата економска криза кога на светските берзи секојдневно расте цената на горивата.
„Ние имаме и други механизми во Министерството за економија, но и во другите институции, како автономните мерки со кои можеме целосно да укинеме некои царински давачки кои се предвидени, имајќи предвид дека нашата држава, главно, трговијата ја има со ЕУ, согласно со договорот за стабилизација и асоцијација и согласно договорот со ЦЕФТА“, рече Бектеши во одговор на прашање при денешната посета на прехранбената индустрија „Витаминка“ од Прилеп заедно со премиерот Димитар Ковачевски.
Евентуално нови мерки би имало доколку продолжи војната во Украина.
Мерките меѓудругото предвидуваат лебот, маслото за јадење и брашното да се продаваат по набавни цени, а за дел од основните прехранбени продукти се намалени маржите.