Бугарското Министерство за внатрешни работи до Обвинителството достави предлог за гонење на поранешниот премиер Бојко Борисов, неговата портпаролка Севделина Арнаудова и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, соопшти прес-центарот на бугарското МВР. Од МВР потенцираат дека предлозите за гонење на тројцата се поднесуваат по втор пат, иако обвинителството демантира.
Тие беа уапсени поради злоупотреби во користењето на европските фондови и средства.
Борисов и неговите сопартијци беа ослободени од притвор во петокот вечерта, откако градското обвинителство на Софија (СГП) пресуди дека полицијата нема доволно докази за нивно разоткривање. Борисов и неговите сопартијци беа уапсени во четвртокот и добија 24 часовен притвор.
По истекот на првичниот притвор, софиското Обвинителство одби да им го продолжи за нови 72 часа, со образложение дека истражните полицајци не им доставиле на обвинителите нацрт-уредби за обвинение против тројцата.
Бугарскиот премиер Кирил Петков во петокот на брифинг со новинарите рече дека Обвинителството го саботира процесот.
Министерот за внатрешни работи Бојко Рашков коментираше дека доколку Обвинителството го продолжело притворот, ќе имало можност да се соберат дополнителни докази.
Во меѓувреме, обвинителството во саботата и одговори на владата, отфрлајќи ги наводите на Петков и Рашков дека го саботира процесот. Од Обвинителството покажаа фотографии од материјалите од предистражната постапка, во кои, како што велат нема предлози за притвор.
По што од Министерството за внатрешни работи одговорија дека Обвинителството не го покажало пропаратното писмо во кое се бара притвор.
Софискиот градски суд денеска треба да донесе одлука за законитоста на претресите и запленувањето на домовите на тројцата притвореници во четврток. Адвокатот на Борисов, Менко Менков, најави дека ќе поднесе жалба за апсењето на тројцата до судот.
Борисов беше премиер на Бугарија во неколку наврати. Тој првпат застана на таа позиција во 2009 и владееше до 2013 година, а потоа од 2014 до 2021 година. По неможноста да се формира политичка влада во Бугарија, поради сложените изборни резултати со земјата, владееше техничка влада. Петков од партијата “Продолжуваме со промената“ стана премиер лани во декември.