Најмалку 1,5 милиони деца станаа бегалци поради руската инвазија на Украина, изјави портпаролот на УНИЦЕФ Џо Инглиш за Си-Ен-Ен.
„Уште 3,3 милиони малолетници во моментов се раселени во земјата“, додаде Инглиш.
Најмалку 150 деца се убиени, а 160 се повредени од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Обединетите нации проценуваат дека руската инвазија протерала околу 10 милиони Украинци од нивните домови. Најмалку 902 цивили се убиени, а 1.459 се повредени во Украина до 19 март, соопшти Канцеларијата за човекови права на ОН.
„Повеќето од жртвите загинале од експлозивно оружје, како што е гранатирање од тешка артилерија и повеќецевни ракетни системи, како и од проектили и воздушни напади“, соопштија од ОН.
Вистинскиот број на загинати се смета дека е значително поголем бидејќи ОН, кои имаат голем тим за набљудување во земјата, сè уште не може да прими или потврди извештаи за жртви од неколку тешко погодени градови, вклучително и Мариупол, се наведува во соопштението.