Високата инфлација која е веќе двоцифрена и тоа за жал директно влијае врз стандардот на граѓаните на нивната куповна моќ, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вториот ден од семинарот „Целите на локалните лидери и употребата на социјалните медиуми” организиран од ВМРО-ДПМНЕ и Фондацијата Јарл Хјалмарсон од Шведска.
„Почнавме со проблемите со тестирањето, потоа последни бевме кои добија вакцини, пред тоа потоа летото ни се случија пожари, молевме да дојдат луѓе бидејќи, властите и градоначалниците на СДСМ во тие општини не беа способи да се справат, па мораше и народот да се организира, сега гледаме исто и со енергетската криза. Ако е успех и резултат економската политика на СДСМ која нас убедливо не закова на последното место во регионот според растот на Бруто домашниот производ , тогаш јас таква политика не оправдувам и таков успех не прифаќам“, рече Мицкоски.
Додаде дека според дефицитот во Буџетот државава е рекордер во регионот. Најавеното задолжување на државата, посочи тој, ќе значи повторно покривање на непродуктивните трошоци. Мицкоски оцени и дека „власта со двојазичноста на полициските униформи сака да направи дефокус од криминалот и неуспесите“ и посочи дека тоа нема да го подобри стандардот на граѓаните
На ваквите изјави реагираа од СДСМ. Од владејачката партија велат дека „Христијан Мицкоски со ништо не може да го оправда неработењето и аздисувањето на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Милиони евра од општинските буџети за партиски вработувања, набавки на чоколадни бонбони и други аздисувања, тоа не се подобрувања на локални политики, тоа е аздисување. На граѓаните ништо не им значат измислиците кои со намера ги кажува Мицкоски за да се оправда, туку очекуваат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нешто да сработат“, се вели во соопштението од СДСМ.