Најмалку петмина загинати во најновото гранатирање на Харкив

илустрација

Властите во источниот украински град Харкив соопштија дека најмалку пет цивили се убиени во најновото руско гранатирање.

Регионалната полиција во вториот по големина град во Украина соопшти дека меѓу жртвите во артилерискиот напад во неделата наутро има и деветгодишно момче.

Харкив е под опсада на руските сили од почетокот на инвазијата на 24 февруари и е под постојани ракетни напади.

Во меѓувреме Украина предупреди на ризик од напад од Белорусија.

„Украина гледа висок ризик од напади од Белорусија врз регионот Волин во западна Украина“, објави канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски, повикувајќи се на армијата.

Руската инвазија главно се фокусираше на северните, јужните и источните региони на Украина, иако проектили погодија воена база во близина на границата со Полска минатата недела.

Од соопштението од кабинетот на украинскиот претседател не е јасно дали гледаат закана во нападот на руските сили или белоруската армија, пренесе агенцијата Ројтерс.

Иако ја поддржува Русија, Белорусија досега официјално не ги ангажирала своите војници во руската инвазија на Украина.