Градскиот совет на Мариупол објави дека руските сили во саботата бомбардирале училиште во тој пристанишен град, во кое биле засолнети 400 луѓе, пренесе Ројтерс.
Официјални лица изјавија дека зградата е уништена и дека луѓето се под урнатините. Во училиштето биле сместени жени, деца и постари лица, соопштија украинските власти.
Комуникацијата со опколениот град е тешка, а Ројтерс наведува дека не може самостојно да ги потврди овие наводи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руската опсада на пристанишниот град Мариупол е „терор што ќе се памети со векови“, додека локалните власти соопштија дека илјадници жители таму биле насилно префрлени преку граница.
„Во текот на изминатата недела неколку илјади жители на Мариупол беа депортирани на руска територија“, се вели во соопштението на градскиот совет објавено на Телеграм.
Руските новински агенции објавија дека автобусите во последните денови превезувале неколку стотици луѓе, кои Москва ги нарекува бегалци од стратешкото пристаниште на Азовското Море, до Русија.
Сирените за воздушни напади утрово се огласија во украинските градови, но нема извештаи за нови напади. Жителите на многу градови и региони низ Украина беа разбудени од сирени. Меѓу нив се главниот град Киев, Суми, Харкив, Запорожје и Лавив, јавуваат локалните медиуми.