Кина повтори дека за војната во Украина е виновен НАТО

илустрација

Кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ли Јученг повтори дека НАТО е виновен за војната во Украина и ги критикуваше санкциите воведени кон Русија.

Тој на прес-конференција во Пекинг рече дека НАТО е „остаток од Студената војна“ и дека неговото проширување може да резултира со „премногу страшни последици“ за големите сили како Русија.

Неговите коментари доаѓаат откако американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Кси Џинпинг разговараа за ситуацијата во Украина на 18 март. Кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ли Јученг, исто така, ги критикуваше економските санкции против Русија.

„Санкциите против Русија одат дотаму што се користат како глобално оружје, дури ни спортистите и уметниците не се поштедени“, рече Ли.

Кина досега избегнуваше да ја осуди руската инвазија на Украина или да ја нарекува така. Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.