Протест на НСП и НСОН за усогласување на платите со минималната плата

Протест на НСОН и НСП

Усогласување на минималната плата во пресметката на платата согласно колективните договори во секторот образование и полиција. Ова беше едно од барањата од денешниот заеднички протест на Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Независниот синдикат на полицијата (НСП).

Претседателот на НСОН, Томислав Гиевски рече дека постои огромен револт кај просветните работници, во однос на начинот на кој се пресметува нивната плата.

„Денеска пред Владата има огромен број на просветни работници кои го искажуваат сопствениот револт поради ниската потпросечна плата и поради начинот на кој што се одбегнува пресметката за плата повеќе од една деценија во секторот образование. Ако во нашата држава, во Македонија минималната плата е 18.000 денари, повикуваме, апелираме и најавуваме дека од ден на ден ќе бидеме се побројни тука, доколку не се изнајде решение за просветниот работник конечно да добие достоинствена плата согласно законите и согласно животниот стандард“, рече Гиевски.

Пред Владата,НСОН претходно најави и синдикален камп, но тој денеска нема да се организира бидејќи надлежните имале 15 дена за да одговорат на нивото барање, рок кој истекува денеска.

Гиевски најави дека нивните активности ќе продолжат со ист интензитет, посочувајќи дека протестот поминал во позитивна синдикална атмосфера, бидејќи, како што рече, неговите колеги имаат доверба и го чувствуваат синдикалното делување како механизам преку којшто можат да го искажат незадоволството.

Од полицискиот синдикат побараа вредноста на бодот од 27 денари да биде покачен на 62 денари. Генералниот секретар на НСП, Орце Коцевски рече дека иако ги доставиле барања до Владата за решавање на проблемите со кои се соочуват полициските службеници добиле известување дека тие се проследени кај министерот за внатрешни работи, кој, како што посочи, ги игнорирал 2,5 години.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески,пак, ја поздрави одлуката на просветните работници да се приклучат на протестот, а на останатите им порача да се охрабат да си ги побараат своите права