Американски сенатори го повикаа претседателот Џо Бајден да го задржи својот фокус на Балканот, каде што „Русија долго време игра дестабилизирачка улога за членството во НАТО“. Тоа се наведува во писмото на група сенатори – набљудувачи во Сенатот на НАТО испратено до Бајден пред неговото патување во Брисел, каде следната недела ќе присуствува на самитот на НАТО.
„Балканот е ранлива зона на Европа, и иако на Украина и треба итно внимание, не можеме да го изгубиме од вид овој регион, каде НАТО долго време игра важна улога во одржување на мирот. Го повикуваме НАТО да го зголеми своето учество во регионот и да разгледа итни мерки, во случај Русија да стави вето на обновувањето на мисијата на силите на ЕУ во БиХ во Советот за безбедност на ОН подоцна оваа година“, напишаа сенаторите.
Сенаторите го повикуваат Бајден да направи дополнителни посети на други источноевропски земји на НАТО за да покаже поддршка за регионот. Се препорачува посета на „балтичка земја или Романија“, која дава поддршката на колективните демократски вредности и меѓусебните безбедносни интереси.
„Војната на Владимир Путин против Украина го одразува неговото одбивање да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на соседите на Русија. Како резултат на тоа, безброј животи се изгубени и безбедносната рамка на Европа, која го одржува мирот речиси 80 години, е доведена во прашање. Оваа неиспровоцирана војна го загрозува суверенитетот на секоја земја во регионот. Украина се бори за нешто повеќе од својата слобода: таа се бори за нашите колективни вредности. Се надеваме дека ќе можете дополнително да ги мобилизирате земјите-членки на НАТО да и пружат поголема помош на Украина во овој критичен момент и дополнително да ја поддржите Алијансата“, пишуваат сенаторите.