Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итни мировни и безбедносни разговори со Москва, велејќи дека тоа е единствената шанса на Русија да ја ограничи штетата од грешките по инвазијата, зошто во спротивно ќе бидат потребни генерации за да се опорави од загубите претрпени во војната.
„Сакам сите да ме слушнат сега, особено во Москва. Време е за средба, време е за разговор“, рече тој во видео обраќањето објавено во раните утрински часови.
Украина отсекогаш нудела решенија за мир и сакала значајни и фер преговори за мир и безбедност, без одлагање, рече Зеленски, додавајќи дека „дојде време да се врати територијалниот интегритет и правдата на Украина. Во спротивно, загубите на Русија ќе бидат толку големи што ќе биде потребно неколку генерации да закрепнат“, додаде Зеленски.
Двете страни со недели се вклучени во преговори, но без знаци за напредок. Зеленски рече дека руските сили намерно го блокираат снабдувањето со хуманитарни материјали за нападнатите градови, коментирајќи дека тоа е „намерна тактика“.
Тој исто така рече дека нема информации колку луѓе загинале откако во средата беше погоден театарот во градот Мариупол, во кој се засолниле стотици луѓе, додавајќи дека досега се спасени повеќе од 130 луѓе.
Околу 400.000 луѓе се заробени во стратешкиот пристанишен град на Азовското Море повеќе од две недели, а силните бомбардирања го прекинаа снабдувањето со електрична енергија, греење и вода. Руското министерство за одбрана во петокот соопшти дека нејзините сили „го стегаат обрачот“ околу Мариупол и дека борбите стигнале до центарот на градот.
Официјални лица во Мариупол велат дека 2.500 луѓе загинале откако руските сили ја преминаа украинската граница на 24-ти февруари.