Францускиот претседател Макрон му кажал на својот руски колега Владимир Путин дека е „крајно загрижен“ за ситуацијата во опколениот украински град Мариупол, кој беше под постојано гранатирање во последниве денови, соопштија од претседателскиот кабинет.
Според соопштението од кабинетот на Макрон, разговорот траел нешто повеќе од еден час.
Кремљ пак соопшти дека Путин, за време на разговорот, го обвинил Киев за „воени злосторства“, тврдејќи дека Москва прави „се што е можно“ за да избегне цивилни жртви во Украина, и покрај големиот број докази документирани од западните новинари за неселективни напади на руските сили врз цивили, вклучувајќи го и оној на театарот во Мариупол, кој беше јасно означен како засолниште за деца.
„Вниманието беше насочено кон бројните воени злосторства кои секојдневно ги вршат украинските безбедносни сили, особено масовните ракетни и артилериски напади врз градовите Донбас под контрола на сепаратистите поддржани од Москва“, соопшти Кремљ по разговорот меѓу Путин и Макрон.
Путин му рекол на Макрон дека руската армија „прави се што е можно за да ги заштити животите на мирните цивили, вклучително и организирање хуманитарни коридори за нивна безбедна евакуација“, додаде Кремљ.
Претходно на 18-ти март, украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање рече дека немилосрдното руско гранатирање ги попречува напорите на спасувачите да стигнат до можните преживеани затрупани лица под урнатините на театарот во Мариупол.