Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор побара од Гугл да престане да шири видео содржини на својата платформа Јутјуб, со кои како што рече, „ги загрозува руските граѓани“.
Во соопштението на Телеграм од 18 март, Роскомнадзор тврди дека американските технолошки компании, односно Мета Платформс, која е оператор на Фејсбук и Гугл , а и сопственик на Јутјуб, „јасно изразиле антируски ставови“. Во соопштението не се наведува какви мерки ќе бидат преземени доколку Google не одговори на предупредувањето.
Google не одговори веднаш на барањата на Роскомнадзор. Русија ги блокираше меѓународно финансираните медиумски канали, го ограничи Инстаграм и покрена постапка против Мета.
Повеќе од една година, руската држава ги задушува гласовите на опозицијата, принудувајќи ги повеќето медиуми да стават клуч на врата и ја ограничува слободата на информирање.
Неколку дена откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24-ти февруари, Роскомнадзор им нареди на медиумите ширум земјата да објавуваат информации за војната само доколку се добиени од официјални извори.
Регулаторот, исто така, забрани опишување на нападот на Русија врз Украина, како инвазија или војна, туку „специјална воена операција“.
На 4 март Роскомнадзор го блокираше Фејсбук во Русија, велејќи дека најголемата светска платформа за социјални мрежи ги дискриминира руските медиуми и информациите од РТ, РИА Новости и Спутник.
Дополнително претседателот Владимир Путин на 5-ти март потпиша закон со кој се предвидуваат затворски казни за објава на „тенденциозни лажни информации“ за руските воени операции, а Кремљ се обидува да го контролира наративот за војната во Украина. Законот предвидува казни од 10 до 15 години затвор.
Истовремено според законот, незаконски е „повикување против руските војници кои ги штитат интересите на Русија“ или „дискредитација“, за што можна е казна затвор до три години.
Истата одредба важи и за повици за санкции против Русија. Неколку веб-страници на РСЕ/РЛ, Би-Би-Си и други независни медиуми се блокирани. Некои руски новинари ја напуштија Русија откако нивните компании мораа да ја прекинат работата поради криминализацијата на известувањето за војната во Украина. Дел од нив отворија свои канали на YouTube за да известуваат за тековната војна.