Руската телевизија го прекина говорот на Путин, Кремљ тврди- техничка грешка

Владимир Путин

Руската национална телевизија „Росија-24“ го прекина емитувањето на говорот на претседателот Владимир Путин за време на неговото обраќање на фудбалскиот стадион „Лужники“ во Москва.

Путин се обрати пред присутните, од кои многумина држеа руски национални знамиња и патриотски плакати, по повод одбележувањето на осум годишнината од анексијата на Крим. Дел од медиумите објавија дека стадионот бил полн со вработени во јавниот сектор.

Путин рече: „Се случи почетокот на воената операција да се совпадне, сосема случајно со роденденот на една од нашите извонредни воени“ и во тој момент говорот беше прекинат, а државната телевизија почна да емитува други снимки и патриотски песни од истиот настан.

Ваквите прекини се исклучително ретки бидејќи програмите на државната телевизија во кои е вклучен претседателот се строго контролирани. Околу 20 минути откако се случи прекинот, за кој портпаролот на Кремљ рече дека станува збор за „технички проблем на серверот“, државната телевизија почна повторно да го емитува говорот од почеток.

Путин ја искористи приликата за време на својот говор да ја оправда инвазијата на Москва врз Украина.