Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека досега се спасени околу 130 луѓе од театарот во Мариупол кој беше погоден од руски воздушен напад, а уште стотина лица се уште се заробени во зградата.
Зеленски во видео обраќањето објавено на социјалната мрежа Фејсбук рече дека спасувачките операции на терен ќе продолжат и покрај тоа што руските сили продолжуваат да го гранатираат опколениот пристанишен град.
„Стотици жители на Мариупол се уште се под урнатините“, рече тој.
Театарот се користеше како засолниште за стотици жители заробени во градот кога руските гранати го уништија на 16-ти март.
Официјалните лица рекоа дека повеќето луѓе во моментот на експлозиите биле под театарот во засолништето од бомби.
Нападот на цивилна зграда, означена со зборовите „ДЕТИ“, или „деца“ на руски, што е јасно видливо од воздух, предизвика бран на меѓународна осуда и голем притисок врз неколкуте преостанати сојузници на Русија, особено Кина, да се осуди намерното таргетирање од страна на Москва на невоени локации за време на војната, која започна на 24-ти февруари.