Британскиот регулатор за медиуми Офком соопшти дека ја укинал лиценцата за емитување во Велика Британија на руската телевизија РТ. Одлуката стапува на сила веднаш.
„Тоа го направивме врз основа на тоа што сметаме дека носителот на лиценцата за РТ, АНО ТВ Новости, не е соодветен и погоден да поседува дозвола за емитување во Обединетото Кралство“, се наведува на интернет страницата на Офком.
Тие соопштија дека ја донеле одлуката откако истражиле 29 случаи кои се занимаваат со непристрасноста на вестите на РТ и актуелното известување за руската инвазија врз Украина.
„Сметаме дека обемот и потенцијално сериозната природа на прашањата отворени во толку краток период предизвикуваат голема загриженост, особено имајќи ја предвид историјата на усогласеност на РТ, која досега беше казнета со 200 илјади фунти за претходни прекршувања на непристрасноста“, се наведува во соопштението.