Германскиот канцелар Олаф Шолц побарал од рускиот претседател Владимир Путин да нареди запирање на нападот врз Украина за да овозможи да се дојде до дипломатско решение, а истовремено да се избегне хуманитарна катастрофа.
Кабинетот на Шолц денеска соопшти дека двајцата лидери скоро еден час телефонски разговарале за „тековната војна во Украина и напорите за нејзино окончување“.
Не беа соопштени други детали, но Кремљ соопшти дека „руската страна е подготвена да продолжи да трага по решение во согласност со нејзиниот добро познат принципиелен пристап“.
Путин му рекол на Шолц дека Киев се обидува да ги одолговлекува мировните разговори, соопшти Кремљ, додавајќи дека Москва сè уште сака да продолжи со преговорите.
Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави дека се очекува Путин денеска телефонски да разговара и со францускиот претседател Емануел Макрон.
Според германското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 187 илјади Украинци избегале во Германија од почетокот на неиспровоцираната руска инвазија врз Украина на 24 февруари, иако експертите велат дека тој број веројатно е многу поголем со оглед на тоа што 2 милиони луѓе влегле во Полска, а голем дел од нив веројатно продолжиле кон Германија.