Петков - Апсењето на Борисов покажува дека никој не е над законот

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот премиер Кирил Петков, во видео порака лиферувана од прес-службата на бугарската Влада, изјави дека апсењата на поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, поранешниот министер за финансии, Владислав Горанов, и пиарот на Борисов, Севдалина Арнаудова, покажуваат дека никој не е над законот.

Петков во пораката кажува дека Европското обвинителство во моментов ја истражува злоупотребата на европските фондови и средства. Но, тој запраша каде е бугарското обвинителство и дали конечно ќе застане на страната на бугарскиот народ.

„Мојата улога е да им дадам целосна слобода на сите тела да дејствуваат во согласност со нивните законски овластувања. Никој не треба да се плаши од вистината. Само без страв од недопирливите Бугарија може навистина да се промени“, додаде Петков.

Бугарскиот премиер потврди дека вчера бил сослушан во Националната полиција поради што беше одложена владината седница.

Претседателот на Бугарија Румен Радев од Стара Загора, каде што е во посета, коментираше дека не се меша во работата на органите на прогонот, но правдата нема да надвладее додека судот не донесе одлука.

Борисов и неговите соработници беа уапсени синоќа, а беа извршени и претреси на повеќе локации.

Борисов беше премиер на Бугарија во неколку наврати. Тој првпат застана на таа позиција во 2009 и владееше до 2013 година, а потоа од 2014 до 2021 година. По неможноста да се формира политичка влада во Бугарија, поради сложените изборни резултати со земјата, владееше техничка влада. Петков од партијата „Продолжуваме со промената“ стана премиер во декември.