Денес нема голем бран на бегалци од Украина во Македонија, а повеќето се сместени кај пријатели и роднини. Многу македонски граѓани се јавуваат и доаѓаат во Амбасадата и нудат сместување за нашите граѓани, за што сме им исклучително благодарни, вели украинската амбасадорка во земјава Наталија Задорожњук. Според официјалните информации, во Македонија се пристигнати околу 50 украински бегалци.
„Во моментов работиме со релевантните владини агенции за да обезбедиме нашите граѓани да имаат можност да побараат медицинска нега кога е потребно, децата да посетуваат училишта и градинки. Денес имаме целосна поддршка од Владата на Северна Македонија по ова прашање“, вели амбасадорката.
Таа вели дека на Украина во моментов ѝ се потребни сите видови храна, пред се долготрајна, лекови (особено против болка), средства за хигиена и топла облека. Таа му се заблагодари на Црвениот крст за иницијативата за собирање хуманитарна помош за Украина. Македонските граѓани досега донираа 2,7 милиони денари помош.
Русија минатиот месец ја нападна Украина, а околу 3 милиони луѓе избегаа од земјата. Најголемиот дел од нив избегаа во Полска и во другите соседни земји на Украина.