Бугарската полиција го приведе поранешниот премиер на државата и актуелен лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов. Како што јавува државната бугарска агенција БТА претреси и заплени се извршиле на многу адреси, а покрај Борисов приведени се и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, поранешната шефица на Комисијата за буџет Менда Стојанова и поранешната шефица на владината служба за информирање Севдалина Арнаудова.
Информацијата од ГЕРБ, како што јавува македонската државна агенција МИА ја потврдиле и високи извори од новата влада. Во тек е голема операција низ државата, која е заедничка со Европското јавно обвинителство. Се проверуваат 120 досиеја, изјави извор од кабинетот за медиумот.
„Никој не е над законот“ напиша премиерот на Бугарија Кирил Петков на Фејсбук како коментар на информацијата за апсењето на поранешниот премиер.
Борисов беше премиер на Бугарија во неколку наврати. Тој првпат застана на таа позиција во 2009 и владееше до 2013 година, а потоа од 2014 до 2021 година. По неможноста да се формира политичка влада во Бугарија, поради сложените изборни резултати со земјата, владееше техничка влада. Петков од партијата “Продолжуваме со промената“ стана премиер лани во декември.