Претседателката на Косово, Вјоса Османи побарала од претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден да ја поддржи нејзината земја во напорите за зачленување во НАТО.
Во писмото Османи вели дека Москва најверојатно ќе се обиде да го дестабилизира регионот, што ќе го направи „императив“ барањето на Косово за влез во НАТО.
„Ја изразуваме нашата надеж и очекување дека Соединетите Држави ќе го искористат своето лидерство и влијание за активно да го поддржат и унапредат сложениот процес за членство во НАТО за Косово“, се вели во писмото испратено до Белата куќа на 10 март.
„Изложени сме на упорни напори на Русија да го поткопа Косово и да го дестабилизира целиот Западен Балкан“, додава Османи.
Приштина подолго време се залага за членство во НАТО и во Европската Унија, но спорна точка е нејзиниот статус. Повеќето западни земји ја признаа независноста на Косово, вклучително и 26 од 30-те членки на НАТО, што значи дека би било невозможно да се добие едногласноста потребна од Алијансата за пристапување.
Шпанија, Грција, Романија и Словачка, сите членки на НАТО, не го признаваат Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година по конфликтот меѓу етничките албански сепаратисти и српските сили во 1998-99 година.
Косово бара итно членство во НАТО откако Русија ја нападна Украина на 24-ти февруари. На 5-ти март, косовската претседателка Вјоса Османи рече дека членството на Косово во НАТО е неопходно за одржување на мирот во регионот.