Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис вели дека НАТО не може да ја потцени опасноста од руската неиспровоцирана инвазија врз Украина и мора да биде целосно подготвен, а дека Европа се движи на работ на „огромни политички промени“.
„Ние не го започнавме ова...Русија ја донесе својата опрема, донесе војна до границата на НАТО и НАТО мора да биде подготвен“, рече тој во интервјуто за Радио Слободна Европа дадено на 17 март за време на неговата посета на Прага.
Тој нагласи дека земјите членки на Алијансата мора да бидат многу сериозни во врска со одбраната на источното крило бидејќи може, како што рече, да немаат доволно време да се подготват за тоа.
Ландсбергис го истакна искуството на неговата земја, поранешна советска република која стана независна 1990 година. Тој рече дека повеќе од тридецениска работа за градење на сопственост, безбедност и суверенитет може да биде тестирана во моментот кога Москва ја предизвикува глобалната „безбедносна структура“.
„Имаме сосед кој јасно покажува дека може да ги премине не само политичките, теоретските линии, туку оди преку границите со своите ракети, војници и намери за окупација. Мораме да го земеме ова предвид“, рече Ландсбергис.
За време на нападот, украинскиот претседател Володимир Зеленски неколкупати побара НАТО да обезбеди зона на забранети летови над Украина за да и дозволи да се брани на терен. И Белата куќа и безбедносната алијанса го отфрлија барањето стравувајќи дека тоа би можело драматично да го ескалира конфликтот.
Ландсбергис рече дека бидејќи обезбедувањето зона за забранети летови е потфат што бара блиска координација на меѓународната заедница за да се воспостави и спроведе, тоа е прашање што Обединетите нации треба да го решат.
„Навистина треба да го покренеме ова прашање во Обединетите нации...Ова е клучно време за Обединетите нации да одговорат колку една ваква институција може да биде корисна бидејќи е создадена за вакви ситуации“, рече тој.