Шеста лажна дојава за бомба на лет од Белград за Русија

Лажна дојава за бомба на летот Белград-Москва, 15 март 2022

Министерството за внатрешни работи на Србија потврди дека денеска пак е добиена дојава за бомба во авионот кој требало да лета од Белград за Москва, при што по проверката полицијата утврдила дека се работи за лажна пријава.

Како што соопшти агенцијата Бета, од министерството ја потврдиле пријава и посочиле дека пак била направена контрола на белградскиот аеродром.

Ова е шеста лажна пријава за бомба во последната недела, кога станува збор за летови на релација Србија – Русија. Вчера имаше две вакви лажни пријави.

Србија не се приклучи на санкциите кои на 27 февруари ги воведе Европската унија против Русија со што беше затворен просторот на Унијата за руските авиокомпании и приватните руски авиони, како дел од санкциите против Москва поради инвазијата на Украина.

По руската инвазија на Украина што почна на 24 февруари, се зголеми бројот на летови меѓу Белград и Москва, достигнувајќи 15 лета неделно само до главниот град на Русија, покрај летовите до Санкт Петербург.

Под притисок за Западот, српскиот претседател Александар Вучиќ, најави дека од понеделник бројот на летови на релација Белград-Москва ќе биде по редовен распоред.

Со тоа, авионите на српскиот национален авиопревозник „Ер Србија“ ќе летаат до руската престолнина осум пати неделно, како што беше пред почетокот на војната во Украина.