Дипломатите на Обединетите Нации (ОН) ја критикуваа Белорусија за кршење на човековите права и за помошта на Русија во нејзината инвазија на Украина.
Тие го обвинија Минск за „широки и систематски“ прекршувања на правата откако спорните претседателски избори во 2020 година му донесоа победа на авторитарниот владетел Александар Лукашенко иако опозицијата тврдеше дека гласањето било наместено.
Во дебатата при објавувањето на денешниот извештај за ситуацијата во Белорусија околу изборите и замолчувањето на неистомислениците од страна на режимот на Лукашенко, шефицата за човекови права на ОН Мишел Бачелет го обвини Лукашенко за употреба „прекумерна сила“ во операциите кога беа приведени над 13.000 граѓани што протестираа против гласањето.
„Нашата истрага открива дека владата се обиде да ги потисне сите форми на критика и активно се обиде да ја спречи правдата, одговорноста и вистината за направените прекршувања“, рече таа при што ги повика властите во Белорусија веднаш да ги ослободат сите со политички мотивирани пресуди, како и да престанат „со сите други тековни прекршувања на човековите права“.
Во извештајот на 18 страници се вели дека поединци биле цел на белоруски безбедносни службеници со „конзистентен образец на непотребна или непропорционална“ употреба на сила, апсења, притвори и „тортура или малтретирање“, вклучувајќи силување и сексуално и родово насилство, „систематско негирање“ на правата на правична постапка и на правично судење.
Амбасадорката на САД во УНХРЦ, Мишел Тејлор, исто така, го повика Лукашенко за „овозможувањето“ на руската „неиспровоцирана војна“ со Украина.
Русија ја искористи територијата на Белорусија како полигон за инвазија на Украина, со која ја дели границата.
„Олеснувањето на руската агресија од страна на белоруските власти придонесе за несовесен хуманитарен данок врз народот на Украина... и за опасна криза која може неповратно да и наштети на глобалната безбедност и на секоја суверена држава“, рече таа.