Брнабиќ: ЕУ може да смета дека Србија ќе ја брани стабилноста на Балканот

Србија- српската премиерка Ана Брнабиќ се состана со австрискиот канцелар Карл Нехамер на 17 март во Белград

Европската унија може да смета на Србија за одбрана на мирот и стабилноста на Западен Балкан, рече српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград на 17-ти март.
Брнабиќ оваа порака ја кажа по средбата со австрискиот канцелар Карл Нехамер, додавајќи дека знае оти многумина во ЕУ се загрижени за како што рече, кризата во Украина да не се прелее и на Западен Балкан.

„Во разговорот со австрискиот канцелар сакав многу јасно да кажам дека Србија ќе продолжи да ја игра улогата на една од оние земји на Западен Балкан која е столб на стабилноста“, изјави Брнабиќ по средбата со Нехамер.

На прашањето на новинарите дали се зборувало за усогласување на надворешната политика на Србија со ЕУ, или за последиците од можното неусогласување, Брнабиќ повтори дека Србија ги почитува сите декларации на ЕУ со кои се осудува кршењето на територијалниот интегритет на Украина.

„Ние не се приклучивме на декларациите за воведување санкции кон Руската Федерација. Ние имаме посебен однос кон тоа, бидејќи сме земја која претрпе сериозни санкции и мислиме дека санкциите ќе ги казнат обичните луѓе“, рече премиерката на Србија.

Австрискиот канцелар Нехамер, пак, наведе дека во случај на инвазија врз европска земја, многу е важно ЕУ да утврди и да даде јасен знак дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на ЕУ и Европа.

„Австрија се гледа себеси како мост кон ЕУ за земјите од Западен Балкан и за нас е многу важно да го забрзаме овој процесот на пристапување“, рече Нехамер.

Тој додаде дека е познато дека Русија, но и Кина имаат големо влијание во овој регион.

„Факт е дека Русија има големо влијание во овој регион, како и дека Кина има интерес да се позиционира кога станува збор за безбедносната политика. Нашата обврска како земји-членки на ЕУ е да работиме заедно со Србија и земјите од Западен Балкан за да најдеме начини за надминување на проблемите“, додаде Нехамер.