Од денеска основните прехранбени продукти без ДДВ

Илустрација

Од денеска стапи во сила мерката за намалување на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за основните прехранбени продукти од пет на нула проценти, која е дел од пакетот мерки што Владата ги донесе со цел зачувување на животниот стандард на граѓаните во услови на криза.
Со оваа мерка, лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата, ќе се продаваат без ДДВ, а маркетите треба да издаваат фискални сметки за овие производи со ДДВ од 0 проценти.

Од Владата очекуваат дека со оваа мерка ќе се изврши надолен притисок врз малопродажните цени на овие производи со што ќе се делува и на намалувањето на вредноста на потрошувачката кошница.

„За позначаен ефект, оваа мерка се спроведува паралелно со мерката за замрзнување на маржите кај овие производи. Покрај оваа мерка, во пакетот 26-те мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите е вклучена и мерката за продолжувањето на примената на повластената стапка од 5 проценти на ДДВ кај електричната енергија кон домаќинствата до крајот на 2022 година, како и мерките за намалени акцизи и ДДВ за горивата со кои во моментов Република Северна Македонија има најниски цени на горивата во регионот,“ се наведува во соопштението од Владата.