Се утврдува судбината на цивилите кои се криеле во театарот во Мариупол

Театарот во Мариупол

Спасувачи ги ослободуваат луѓето кои се заробени во урнатините на театарот во Мариупол, напиша на Твитер украинската комесарка за човекови права Људмила Денисова. Се уште не се знае дали има мртви и повредени под урнатините на театарот кој синоќа беше цел на руски напад.

Театарот го користеле како засолниште жени и деца чии куќи се уништени.

Претходно украинските власти соопштија дека одреден број на луѓе го преживеале нападот и дека засолништето го издржало бомбардирањето, но од ниту една институција не даваат бројки за евентуални жртви.

Градоначалникот на Мариупол утрово изјави дека повеќе од 1.000 луѓе биле засолнети во театарот што беше погоден од руски воздушен напад на 16 март.

Советникот на градоначалникот Петро Андрушченко изјави дека урнатините се расчистуваат.

„Има преживеани. Сè уште не знаеме за (број на) жртви“, изјави тој за Ројтерс по телефон.

Сателитските снимки од фирмата Максар покажаа дека зборот „деца“ е напишан со големи бели букви на руски пред и зад зградата.

Бомбардирањето на театарот го поттикна украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников да ги повика европратениците да ги следат САД и да го прогласат рускиот претседател Владимир Путин за воен злосторник.

Резников апелот го упати еден ден откако американскиот претседателот Џо Бајден за прв пат го нарече Путин воен злосторник. Украинскиот министер денеска преку видеоврска учествуваше на состанокот на Надворешнополитичкиот комитет на Европскиот парламент, Подкомитетот за безбедност и одбрана и членови на Парламентарната делегација ЕУ-Украина.