Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на прес-конференција во Берлин со германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека „војната на претседателот Путин против Украина го уништи мирот и го шокираше светот“.
Тој им оддаде почит на силите на Киев и вети дека ќе продолжи да ги поддржува „да го поддржат правото на самоодбрана содржано во Повелбата на ОН“.
Тој ја пофали Германија за нејзината воена и хуманитарна поддршка за Украина, и иако напомена дека „НАТО има одговорност да спречи понатамошна ескалација на оваа војна“, ги предупреди членовите на безбедносниот блок дека „мирот и безбедноста не можат да се земаат здраво за готово“.
„Вчера, министрите за одбрана почнаа да размислуваат што треба да направиме за да ја зајакнеме нашата одбрана и одвраќање на долг рок. Ова ќе бара голем раст на инвестициите во одбраната“, рече Столтенберг.
Шолц во меѓувреме, рече дека Германија го зголемила финансирањето на своите вооружени сили за да се осигура дека „НАТО е способен да ги исполни своите должности и мандат“.
Тој го повтори одбивањето на НАТО воено да интервенира во Украина, откако претседателот Володимир Зеленски апелираше до германскиот парламент за поголема помош во одбраната на неговата земја поради руската инвазија.
Шолц му се заблагодари на Зеленски за неговите, како што рече, импресивни зборови до германскиот Бундестаг.
„Но, едно нешто мора да биде јасно: НАТО нема воено да интервенира во оваа војна“, рече тој.
Зеленски претладнево имаше обраќање пред германскиот Парламент каде остро ги критикуваше своите за бавните реакции додека руските сили се трупале на украинската граница. Притоа го повика германскиот канцелар Олаф Шолц да го урне ѕидот меѓу мирот и конфликтите во Европа и да ја запре војната во Украина.
Руската инвазија во Украина започна на 24 февруари, а во нападите загинаа неколку стотици цивили, додека земјата ја напуштија над 3 милиони лица.