Кремљ ја отфрли пресудата на највисокиот суд на Обединетите нации да го прекине нападот врз Украина, велејќи дека двете страни морале да се согласат да ги прекинат непријателствата за да се спроведе судската одлука.
Говорејќи денеска пред новинарите, еден ден откако Меѓународниот суд на правдата (МСП) со седиште во Хаг ја објави одлуката дека е „длабоко загрижен“ од неиспровоцираната инвазија на Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „не може да ја земе во предвид оваа одлука“.
Судиите на МСП гласаа со 13 спрема 2 за предметот поднесен од Киев за руските обвинувања за геноцид од страна на Украина, што Москва го искористи како еден од изговорите за започнување на инвазијата на 24 февруари.
Но, Песков рече дека „не може да се добие согласност [од двете страни] во овој случај“, така што пресудата не е валидна.
Судиите на МСП, исто така, одлучија со 13 спрема 2 гласа дека Москва мора да осигура дека „секоја воена или нерегуларна вооружена единица што може да биде раководена или поддржана од неа, како и сите организации и лица кои можат да бидат предмет на нејзина контрола или насоки, нема да преземат чекори за засилување на воените операции“.
Судот, исто така, посочи дека двете страни мора „да се воздржат од каква било акција што може да го влоши или продолжи спорот пред Судот или да го отежне неговото решавање“.
МСП ги решава правните жалби поднесени од државите поради наводно прекршување на меѓународното право. Тоа е врховна судска институција на Обединетите нации.
Иако одлуките на судот се обврзувачки, не се очекуваше од Москва да постапи по оваа одлука, откако таа го бојкотираше сослушувањето за случајот претходно овој месец и во писмено образложение тврдеше дека судот нема надлежност. Исто така тврдат дека делуваат во самоодбрана со инвазијата.