Руската инвазија на Украина ги нарушува синџирите на снабдување со храна и ги зголемува цените до ниво што им се заканува на најранливите луѓе во светот, проценува Агенцијата на на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД).
Конференцијата на ОН за трговија и развој во соопштение објавено доцна на 16 март, наведува дека Украина и Русија се глобални играчи на пазарите за земјоделска храна, што претставуваат 53 отсто од глобалната трговија со сончогледово масло и семки и 27 проценти од трговијата со пченицата.
Со оглед на нивната важност, од телото на ОН велат дека војната „има огромна цена во човечкото страдање и испраќа шокови во светската економија“.
„Зголемените цени на храната и горивото ќе ги погодат најранливите во земјите во развој, што ќе изврши притисок врз најсиромашните домаќинства кои трошат најголем дел од нивниот приход на храна, што ќе резултира со тешкотии и глад“, рече генералниот секретар на УНКТАД, Ребека Гринспан во изјавата што го придружуваше извештајот.
„Сите земји ќе бидат погодени од оваа криза, но земјите во развој веќе погодени од пандемијата на ковид-19, зголемениот долг и климатските промени ќе бидат особено силно погодени од нарушувањата во снабдувањето со храна, горивото и финанси“, додаде таа.
Гринспан рече дека многу земји, кои веќе се под силен притисок поради трошоците за пандемијата, ќе забележат нарушување во трговијата, зголемување на дефицитот и пад на инвестициите.
Таа, исто така, рече дека може да дојде до значително зголемување на цените на нафтата и гасот што ќе ги насочи инвестиции назад кон производство на енергија базирана на фосилни горива, што ризикува да го промени трендот кон обновливи извори во време на акутна климатска криза.