Триесет години од воведувањето на денарот, Народна банка и натаму го чува стабилен

Годинава се одбележуваат 30 години од монетарното осамостојување. Пред 30 години, на 26 април, беа поставени основите на монетарната самостојност – беше воведен денарот како парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка, наведуваат од Централната банка.

Оттаму, додаваат дека изминатите 30 години успешна работа се гаранција дека и во следниот период централната банка ќе има капацитет за справување со предизвиците што ги носи актуелната ситуација.

„И натаму ја чуваме стабилноста на денарот, како од економски, така и од неекономски закани – шпекулациите и лажните вести, коишто се подеднакво опасни. Додека ја чуваме стабилноста на денарот и финансиската стабилност, истовремено се ориентираме и кон иднината, по примерот на најголемите централни банки“, наведуваат од Народната банка.

Јубилејот ќе биде одбележан со повеќе настани.


Случувањата во Украина се одразуваат и на домашната економија, зголемувајќи ја инфлацијата и донесоа ризик од намален економски раст, соопштија вчера од НБ. Од Централната банка велат дека нивото на девизните резерви е во сигурната зона.

„Неизвесниот амбиент, поради појавата на новите надворешни шокови, но и неоснованите шпекулации во јавноста околу стабилноста на девизниот курс имаат неповолни влијанија врз побарувачката за девизи во економијата. Стабилноста на девизниот курс е загарантирана и не треба да се доведува во прашање“, соопштија вчера од Народна банка.