Шпанија заплени јахта за која се верува дека е на шефот на Роснефт

Јахта за која се смета дека му припаѓа на Сечин, беше запленета од француските власти на 4 март.

Шпанските власти заплениле јахта за која се верува дека му припаѓа на извршниот директор на рускиот нафтен гигант Роснефт, Игор Сечин.

Шпанското Министерство за транспорт потврди дека јахтата е одземена, но не потврдува за сопственоста. Министерството во соопштението испратено доцна на 16 март наведува дека јахтата долга 135 метри не може да го напушти пристаништето Тарагона додека шпанските власти утврдат дали му припаѓа или не на некој што е на списокот на санкционирани од страна на ЕУ.

Јахтата, наречена „Полумесечина“, плови под знамето на Кајманските Острови и е закотвена во Тарагона, пристанишен град во североисотична Шпанија, во регионот Каталонија, од ноември, соопшти Министерството.

Сечин е на списокот на Европската унија на санкционирани руски тајкуни. ЕУ воведе неколку пакети санкции кон Русија по руската инвазија на Украина на 24 февруари. Тој беше санкциониран на 28 февруари.

Друга јахта за која се смета дека му припаѓа на Сечин, беше запленета од француските власти на 4 март.

„Полумесечина“ е трета јахта за која постојат сомнежи дека му припаѓа на руски олигарх, која е запленета од шпанските власти по воведувањето на санкциите.

Шпанскиот премиер Педро Санчез на 14 март објави дека полицијата запленила јахта долга 85 метри во Барселона. Таа јахта се вика Валерија и му припаѓа на Сергеј Чемезов, кој ја предводи руската одбранбена фирма Ростек.

Властите на 15 март запленија јахта наречена Лејди Анастасија на медитеранскиот остров Мајорка, која наводно му припаѓа на рускиот тајкун Александар Михејев, шеф на групацијата за извоз на оружје Рособоронекспорт.

Властите во Италија и Франција, исто така, запленија јахти кои се поврзуваат со руски олигарси, како дел од напорите на ЕУ да изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се повлече од Украина.