Германија ги повика западните земји да примат повеќе украински бегалци

Украински бегалци на границата со Полска.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ги повика западните земји да ја споделат грижата за украинските бегалци кои бегаат од војната во нивната земја.

„Наша должност е да создадеме мост на солидарност меѓу Европа и Атлантикот, тоа е и мој апел до нашите пријатели во Канада и ширум светот. Треба да распоредиме луѓе кои ја преминале (украинската) граница. Јасно е дека можеме безусловно да им помогнеме“, рече министерката пред пратениците во Бундестагот.

Бербок, исто така, изрази и сомневање за текот на преговорите меѓу руската и украинската страна.

„Не знаеме дали тоа се навистина преговори. Диктираниот мир нема многу врска со мирот и не треба да се залажуваме кога некои зборуваат за мировни преговори и во исто време бомбардираат болници и станбени населби“, рече Бербок.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари, а оттогаш, според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, над три милиони луѓе ја напуштиле земјата.

Најголем број бегалци примија соседните земји Полска, Унгарија, Романија и Молдавија.