Претставник на Мариупол тврди дека е бомбардиран театарот, Русија демантира

Зградата на театарот во Мариупол на почетокот на февруари 2022 година, пред почетокот на руската инвазија над Украина.

Заменик градоначалникот на Мариупол изјави дека руските сили бомбардирале театар во кој биле засолнети стотици цивили, пренесува Би-Би-Си.

Сергеј Орлов вели дека во зградата имало меѓу 1.000 и 1.200 луѓе, но додаде дека бројот на жртвите се уште не е познат.

Руското Министерство за одбрана ги отфрли обвинувањата дека цел на напад била зградата на театарот во која биле сместени стотици цивили, пренесува РИА Новости.

Мариупол е опколен од руските сили, а се проценува дека околу 300.000 луѓе се без вода за пиење, струја и гас. Храната и медицинските резерви се при крај, а Русија не дозволува испорака на хуманитарна помош.

Од почетокот на војната градот е под постојано руско гранатирање. Пет лица беа убиени во напад на болница минатата недела.

Орлов рече и дека Русија нападнала конвој цивили што го напуштал Мариупол на пат кон градот Запорожје, при што биле повредени пет цивили, меѓу кои и едно дете.

Во меѓувреме, тела на три деца се пронајдени во гранатирана зграда во Чернихив. Спасувачкиот тим соопшти дека пронашол тела на пет лица, меѓу кои и три деца, при претрес на станбени згради оштетени од гранатирање во северниот украински град Чернихив.

Украинската служба за итни случаи соопшти дека телата биле пронајдени во урнатините на зградата на студентскиот дом.

Соединетите држави претходно соопштија дека руските сили застрелале и убиле десет луѓе кои чекале ред за леб во градот. Москва ги отфрла обвинувањата.