Генералниот секретар на НАТО потврди дека Алијансата нема намера да воведе зона на забранети летови над украинското небо, ниту пак да испрати војници на НАТО на украинска територија.
„Сојузниците се обединети во помагањето на Украина да го поддржи правото на самоодбрана. Сепак, сојузниците се обединети кога е во прашање распоредувањето на трупите на НАТО на копното и воздушниот простор на Украина. Имаме одговорност да обезбедиме овој конфликт да не ескалира надвор од Украина. Сведоци сме на трагедија и уништување, но ова ќе стане уште полошо доколку НАТО преземе акција и дојде до целосна војна меѓу НАТО и Русија“, рече шефот на Северноатлантската алијанса.
Столтенберг даде изјава за новинарите по состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на алијансата, на кој беше одлучено да продолжи поддршката за Украина, како во вооружување, така и во финансиска и хуманитарна помош.
Од почетокот на војната, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, бара од Алијансата да воведе зона на забранети летови. Тој го повтори барањето и пред американскиот Конгрес денеска, при што рече дека Русија го претворила украинското небо во извор на смрт за илјадници луѓе.
По министерскиот состанок, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, го повтори повикот до рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната и да ги повлече своите сили од Украина.
Тој рече дека НАТО нема да толерира никакви напади врз суверенитетот или територијалниот интегритет на која било од земјите-членки на алијансата.
Потврди дека се активирани одбранбени планови за да се заштити алијансата, што според него значи стотици илјади сили кои се на готовност на целата територија на земјите на НАТО.
Покрај тоа, Столтенберг потврди дека на европска територија има стотици илјади американски војници.
Американскиот претседател Џо Бајден следната недела ќе го посети седиштето на НАТО во Брисел за да присуствува на вонредниот самит на НАТО, но и на самитот на Европската унија.