Русија ќе лансира апликација за споделување фотографии по теркот на Инстаграм, откако руските власти ја забранија употребата на оваа апликација.
Новата апликација ќе се вика „Росграм“ (Rossgram) и ќе биде достапна од 28 март. Таа ќе има дополнителни функции како и платен пристап за некои содржини.
„Мојот партнер Кирил Филимонов и нашата група програмери веќе беа подготвени за овој пресврт на настаните и решија да не ја пропуштат можноста да создадат руски аналог на популарната социјална мрежа што ја сакаат нашите сонародници“, изјави Александар Зобов - директор за односи со јавност на иницијативата.
Рускиот државен регулатор за комуникации Роскомнадзор од минатиот понеделник го блокираше пристапот до Инстаграм, откако неговиот американски сопственик Мета Платформс минатата недела соопшти дека ќе им овозможи на корисниците на социјалните мрежи во Украина да објавуваат пораки со говор на омраза - како „Смрт за руските напаѓачи“.
Од компанијата „Мета“, која е сопственик и на „Фејсбук“, рекоа дека привремената промена во нејзината политика за говор на омраза се однесувала само на Украина по руската инвазија, потенцирајќи дека би било погрешно да се спречат Украинците „да го изразат својот отпор и гнев кон воените сили кои освојуваат“.
Кремљ најавува забрана за Фејсбук и Инстаграм ако дозволат повици за насилство кон Русите
Русија, која веќе го забрани Фејсбук, отвори кривична истрага против „Мета“ и обвинителството побара од судот да го назначи американскиот технолошки гигант за „екстремистичка организација“. Случајот треба да се најде на суд во понеделник.
Според фотографијата што ја сподели Зобов на Вконтакте, шемата на бои и распоредот на Росграм ќе бидат многу слични со Инстаграм. Од компанијата Мета не одговорија веднаш на барањето за коментар за дизајнот на Росграм.