Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Западот нема да успее во обидот да постигне глобална доминација и да ја распарчи Русија.
„Ако Западот мислеше дека Русија ќе отстапи, тогаш не ја разбрал Русија“, рече Путин на 21-от ден од војната против Украина.
„Зад лицемерните приказни и денешните постапки на таканаречениот колективен Запад стојат непријателски геополитички цели. Тие едноставно не сакаат силна и суверена Русија“, рече Путин.
Тој додаде дека Русија е подготвена да разговара за неутралниот статус на Украина во преговорите за ставање крај на непријателствата, но дека ќе продолжи да ги исполнува целите на својата воена операција.
Обраќајќи им се на владините министри на државната телевизија, Путин рече дека Западот само ќе ја зајакне Русија со своите непријателски активности. Во своето најексплицитно признавање на штетата предизвикана од западните санкции, тој рече дека инфлацијата и невработеноста ќе се зголемат, но вети поддршка за семејствата со деца.
Путин рече дека Западот покажал непочитување кон Русија со санкциите поради конфликтот во Украина, но и дека конфликтот е само изговор за Западот да воведе санкции кон Москва.
„Западот не се ни обидува да сокрие дека нивната цел е да ја оштетат целата руска економија, секој Русин“, рече Путин.