Белорусија испорачува електрична енергија на нуклеарната централа во Чернобил во Украина, соопштија властите на земјата откако објектот, кој е под контрола на руските сили, остана без струја.
Белоруското Министерство за енергетика соопшти дека снабдувањето со електрична енергија на деактивираната централа „целосно е обновено“.
„Радијацијата околу електраната, место на една од најголемите нуклеарни катастрофи во светот, останува на нормално ниво“, се наведува во соопштението и се додава дека струјата се обезбедува од белоруската електроенергетска мрежа.
На централата и е потребна електрична енергија за напојување на системите за ладење. Напојувањето на централата беше прекинато на 14 март по втор пат, според украинските власти, откако руските сили оштетија далновод.
Меѓународната агенција за атомска енергија подоцна истиот ден соопшти дека била информирана дека надворешното напојување е обновено и дека се работи за повторно поврзување на објектот со мрежата.