Железничкиот сообраќај и денеска е во прекин поради штрајк на машинскиот и извршниот персонал. Од Синдикатот на машиновозачи на Македонија соопштија дека продолжуваат со бојкотот се до исполнување на барањата за исплата на материјалните трошоци, како и на првиот дел од платата за февруари.
Раководството на ЖРСМ Транспорт АД Скопје соопшти дека станува збор за незаконски штрајк, што не бил најавен писмено.
„Незаконскиот прекин на работа, односно штрајк, не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите“, оценија од ЖРСМ Транспорт.
Патничките и товарните возови не сообраќаат од вчера попладне. Поради неисплатени материјални трошоци машинскиот и извршниот персонал неколку часа ја блокираше работата и минатата недела во петок, но бојкотот беше прекинат по ветувањето што го добиле од раководството за исполнување на поставените барања.